Претседателот на САД Џо Бајден денеска (30 декември) телефонски ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин, соопшти Белата куќа.
Разговорот го потврди и портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, без да даде детали.
Портпаролката на Советот за национална безбедност Емили Хорн изјави дека двајцата лидери ќе разговараат за низа теми, вклучително и за „претстојните дипломатски ангажмани со Русија“.
Таа додаде дека Бајден разговарал со лидерите ширум Европа во пресрет на разговорот со Путин.
„Администрацијата на Бајден останува вклучена во сеопфатна дипломатија со нашите европски сојузници и партнери со кои се консултира и координира во врска со заеднички пристап за одговор на трупањето руски воени сили на границата со Украина“, рече Хорн.
Таа исто така потсети и на мултилатералните контакти на претставниците на американската администрација со НАТО, ЕУ и ОБСЕ, како и на нивните бројни консултации, вклучително и со колегите на источните граници на алијансата и со Украина.
Путин „убеден“ во ефективен дијалог меѓу Вашингтон и Москва
Неименуван претставник на американската администрација за новинарите изјави дека двајцата лидери ќе разговараат на барање на Путин и дека Бајден ќе стави до знаење дека постои дипломатски начин за деескалација на тензиите во регионот, доколку рускиот претседател сака да го прифати тоа.
Тој исто така рече дека САД и натаму се загрижени за руските војници во близина на Украина, а повтори и дека се подготвени да одговорат на евентуална руска инвазија и дека, доколку тоа се случи, ќе биде зајакната позицијата на силите на НАТО.
Според западните проценки, Русија распоредила десетици илјади војници долж границата со Украина во изминатите два месеци, по анексијата на украинскиот Полуостров Крим во 2014 година. САД изразија загриженост дека Русија би можела да ја нападне Украина на почетокот на следната година.