Ерменската влада ја укина забраната за увоз на турски стоки што беше воведена поради поддршката на Анкара на Азербејџан во минатогодишната војна со Ерменија.
„Донесена е одлука да не се продолжи ембаргото за увоз на турски стоки во земјата“, соопшти на Фејсбук Министерството за економија.
Одлуката стапува на сила на 1 јануари.
Забраната беше изречена на 31 декември 2020 година на шест месеци, а во јуни беше продолжена за уште шест, а требаше да истече на 31 декември.
Пред повеќе од две недели, Министерството за економија за ерменскиот сервис на РСЕ наведе дека се подготвува предлог-одлука за продолжување на забраната за уште шест месеци, но таа никогаш не се најде на дневен ред на владата.
Првата средба за нормализација меѓу Турција и Ерменија ќе се одржи во Москва
Последната владина седница годинава се одржа на 30 декември, а Министерството за економија потоа излезе со соопштение во кое се вели дека како резултат на меѓуресорски разговори е одлучено да не се продолжи ембаргото за турски стоки.
Укинувањето на забраната се очекува да создаде поповолни услови за извоз на ерменски стоки.
Во есента 2020 година, Ерменија и Азербејџан водеа шестнеделна војна за спорниот регион Нагорно-Карабах.
Конфликтот однесе повеќе од 6.500 животи и заврши со прекин на огнот со посредство на Русија, според кој ерменските сили му отстапија на Азербејџан територии што ги контролираа со децении.
Претходно овој месец Турција и Ерменија објавија дека ќе назначат специјални претставници за подобрување на односите.