Американскиот претседател Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин утре телефонски ќе разговараат поради тензиите за зголеменото присуство на руски војници во близина на границата со Украина и руските барања за безбедносни гаранции, соопшти Белата куќа.
Портпаролката на Советот за национална безбедност Емили Хорн изјави дека двајцата лидери ќе разговараат за низа теми, вклучително и претстојните дипломатски ангажмани со Русија.
„Администрацијата на Бајден продолжува да се ангажира во обемна дипломатија со нашите европски сојузници и партнери, консултирајќи се и координирајќи за заеднички пристап како одговор на руското воено засилување на границата со Украина“, рече Хорн.
Бајден разговарал со лидерите ширум Европа, а претставници на неговата администрација се консултирале и со НАТО, Европската унија и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), се вели во соопштението. Разговорите вклучиле и консултации со владини претставници во Источна Европа, вклучително и Украина, и во форматот Букурешт девет (Б9).
Путин ќе размисли за опциите ако Западот не ги исполни безбедносните барања
Москва претходно овој месец поднесе нацрт-безбедносни документи со кои, меѓу другото, се бара прекин на проширувањето на НАТО кон исток и воената соработка со земји како Украина и Грузија.