Министерството за здравство вечерва соопшти дека е детектиран прв случај на сојот Омикрон во земјава, кај маж кој допатувал од Велика Британија.
Секвенционирањето било направено во приватната болница Жан Митрев во Скопје, а како што наведуваат од Министерството, станува збор за реинфекција, бидејќи пациентот во јануари 2021 година ја прележал болеста асимптоматски.
„По прележувањето на болеста, пациентот примил две дози од вакцината Фајзер. По втор пат позитивен тест на Ковид 19 има од пред два дена, по што е потврдено дека е сојот Омикрон“, се вели во соопштението од Министерството за здравство.
Во Србија регистриран прв случај на заразен со сојот омикрон
Исто така институцијата наведува дека пациентот има лесна клиничка слика е се лекува во изолација во својот дом.
Омикрон сојот на Sars-Cov-2 за прв пат беше детектиран пред неколку недели во Јужна Африка и предизвика загриженост, бидејќи беше утврдено дека оваа мутација се шири побрзо во однос на претходните варијанти.
Омикрон веќе е доминантен во повеќе европски земји кои бележат високи инфекции, како Британија, Германија, Данска, Франција. Овој сој беше детектиран и во некои земји од соседството како Албанија и Србија.