Тениската ѕвезда Рафаел Надал соопшти дека е позитивен на коронавирус и дека доживува „непријатни моменти“ додека се справува со инфекцијата.
„Сега сум вратен дома и го пријавив резултатот на оние кои биле во контакт со мене. Како последица на ситуацијата, морам да имам целосна флексибилност на мојот календар и ќе ги анализирам моите опции во зависност од мојат развој. Ќе ве информирам за сите одлуки за моите идни турнири! Однапред ви благодарам на поддршката и разбирање“, напиша шестиот светски тенисер и 20-кратен победник на Грен слем на Твитер.
Надал минатата недела настапуваше на изложбен настан во Абу Даби , а потоа се врати во Шпанија. Тој официјално не се натпреварувал од почетокот на август поради повреда. Надал ги пропушти Вимблдон, Олимпијадата во Токио и Отвореното првенство на САД минатата сезона, но, се очекуваше дека во јануари ќе се врати на големите натпреварувања и ќе настапи на Австралија Опен.