Четири месеци условна казна денеска му пресуди Судот во Софија на 34- годишен човек поради објавени недолични коментари за несреќата на автобусот на „Беса Транс“ во Бугарија.
Против човекот беше поднесено обвинение за „ширење омраза“.
Според обвинението на софиското Обвинителство човекот со иницијали С.Б. на 23 ноември 2021 година околу 11 часот во група на социјална мрежа објавил содржина со која ширел омраза на „основа на национална и етничка припадност кон македонскиот етнос“. Тој кон објавената содржина прикачил и фотографија од опожарениот автобус на „Беса Транс“ на автопатот „Струма“.
Пред Божиќ се очекуваат резултатите од вештачењата за автобуската несреќа во Бугарија
Обвинетиот пред Судот го признал делото за кое се товари, по што е постигнат договор да му биде изречена условната казна. Согласно постигнатиот договор, казната е ефективна и обвинетиот нема право на жалба.
Во автобуската несреќа што се случи на 23 ноември загинаа 45 лица, од кои 12 деца, а седум беа повредени.