Замрзнување на цената на струјата е популистичка мерка која не е одржлива, вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
„Може да ја замрзнете за три месеци и потоа ќе мора да ја пуштите особено кога сте одлучиле да оперирате на либерализиран пазар што е одлука која е стратешка и долгорочна“, рече Битиќи во одговор на прашањето дали Владата размислува да ги замрзне цените на електричната енергија и на парното греење за да спречи ценовен шок.
Тој денеска одговараше на прашања по отворањето на „Иновацискиот и бизнис форум Пеперутка“.
Струјата ќе поскапи, но рестрикции нема да има
Вицепремиерот уверува дека цената на струјата по 1 јануари нема да се зголеми за толку колку што тврдат некои од медиумите и порачува дека и тогаш ќе биде најниска во регионот. Тој вели дека ќе се обезбеди доволно електрична енергија за да продолжи да тече нормалниот живот онака како што треба, изјави Битиќи.
Тој посочи дека од јануари блиску 45.000 граѓани ќе се обезбеди пакет за енергетика за да се ублажи евентуалното покачување на цената на струјата.
Некои од медиумите вчера објавија дека по 1 јануари цената на електричната енергија ќе се зголеми за 38 отсто.
Од владата претходно изјавија дека поскапувањето на струјата нема да биде над 10 проценти.
Бугарскиот парламент гласаше за замрзнување на цените на струјата за домаќинствата
Соседна Бугарија вчера донесе одлука да се замрзнат цените на струјата и на парното за домаќинствата.