Германската полиција денеска пребарува неколку локации во источната покраина Саксонија во рамки на истрагата за, како што соопштија, заговор за убиство на премиерот на таа држава Михаел Кречмер од страна на активисти против вакцинацијата, објави Ројтерс.
Претресите во Дрезден биле насочени кон поединечни членови на групата од сервисот за размена на пораки Телеграм, каде што се расправало за плановите за убиство во врска со мерките за сузбивање на коронавирусот кои ги спроведува државната влада, соопшти полицијата.
Германската телевизија ЦДФ минатата недела објави дека членови на групата од Телеграм на состаноците во Дрезден зборувале за убивање на претставници на владата на Саксонија.
Во рацијата учествувале специјалните сили, откако дел од членовите на групата сугерирале дека посетуваат ладно оружје и самострели, објави полицијата на Саксонија на Твитер.
Протести против корона мерките во повеќе европски градови
Саксонија има најниска стапка на вакцинација во Германија, а има една од највисоките стапки на ширење на вирусот. Во последните недели беа организирани протести на противниците на ограничувањата поради коронавирусот.
Минатиот месец, група демонстранти одржа собир со факели пред куќата на саксонската министерка за внатрешни работи, што се сметаше за имплицитна закана со насилство против неа.