Српските власти го одбиле денеска барањето на косовската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Доника Грвала да влезе во земјата, објави косовското МНР. Грвала, според соопштението, побарала дозвола, согласно договорот постигнат со посредство на Брисел, за посета на официјални лица во Прешево, Медвеѓе и Бујановац, градови во јужна Србија кои се населени со мнозинско албанско население.
„Ние побаравме дозвола. Посетата пропадна поради нечесните игри на Белград. Ќе се обидеме посетата да ја реализираме во блиска иднина“, се вели во соопштението на косовското МНР.
Србија и Косово се договорија за намалување на тензиите, КФОР останува на границата
Српските медиуми денеска објавија дека и Приштина го одбила барањето на директорот на Канцеларијата за Косово при владата во Белград, Петар Петковиќ да го посети Косово, додека пред неколку дена косовските медиуми информираа дека српските власти не им дозволиле на неколку косовски министри да ја посетат Прешевската долина.