Јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса e позитивен на Ковид-19 и има благи симптоми, соопштија денеска од неговиот кабинет. Шеесет и деветгодишниот Рамафоса кој е целосно вакциниран, рече дека неговото заразување треба да ги мотивира луѓето да се вакцинираат, оти како што кажа тоа останува најдобрата заштита од тешка болест и хоспитализација. Во Јужна Африка првично се појави новиот сој на коронавирусот Омикрон кој од тогаш е откриен во десетици земји.
СЗО е загрижена дека богатите земји би можеле да акумулираат вакцини поради сојот омикрон
Светската здравствена организација соопшти дека првичните податоци сугерираат дека коронавирусот Омикрон е попренослив од досега доминантниот сој Делта и дека ја намалува ефикасноста на вакцината, но предизвикува помалку сериозни симптоми. Сепак, здравствените власти велат дека третата доза вакцина обезбедува повисок степен на заштита.
„Некаква охрабрувачката вест е дека првичните податоци покажуваат дека кога добивате трета доза вакцина се зголемува нивото на заштита доволно високо што потоа организмот добро се справува против сојот Омикрон“, рече д-р Ентони Фаучи, експерт за заразни болести во американската влада.