Над 20-тина села во кичевскиот регион останаа без струја. Од подружницата на ЕВН Кичево велат дека причината за тоа е снегот кој наврна во изминативе два дена и создал проблеми во електро-дистибутивната мрежа.
Во соопштението е наведено дека без електрично напојување беа повеќето села во Беличка Река, Копачијата, дел од селата во Осломејско и некои периферни населби во Кичево.
„Од вчера изутрина поради влажниот и леплив снег беа прекинати електичните водови за повеќе села во нашиот регион, проблеми кои поради тешко достапните терени се присутни и денес,“ се вели во соопштението од ЕВН Кичево.
Оттаму додават дека екипите на ЕВН постојано се на терен, дека вложуваат огромни напори и покрај тешките услови за работа и недостапниот терен, да му овозможат на локалното население што побрзо да добие електрично напојување.
Жителите од селските населби се жалат дека повеќе од 30 саати останале без електрично напојување и постои опасност храната што ја имаат во фрижидерите да почне да се расипува ако и понатаму останат без електрично напојување. Дел од нив се и без неопходно затоплување, бидејќи домовите ги загреваат со електрична енергија.
Во меѓувреме на ист проблем се жалат и жители на струшкиот регион. Речиси 30 часа жителите на струшките села Лабуништа, Подгорци и Боровец немаат електрична енергија. Тие велат дека и при снежна покривка и од пет сантиметри овие села имаат прекин во снабдувањето со електрична енергија, јавува новинската агенција МИА.
Вчера поради дефект на два далекуводи на АД „МЕПСО“, „Битола Ресен“ и „Вруток-Шпиље“ вчера околу три часа без елетрична енергија останаа Охрид, Струга, Ресен, Дебар и околните населени места.
Охрид, Струга, Ресен, Дебар... останаа без струја
Од МЕПСО соопштија дека дефектите се отстранети и од нивна страна е обезбедено редовно напојување. Но и покрај тоа повеќе струшки села останаа без струја, дел од нив добија струја доцна синоќа.
МЕПСО- Отстранети се дефектите кои предизвикаа прекин во снабдувањето со струја
Регулаторната комисија за енергетика денеска апелираше до мрежните оператори за електрична енергија да ги преземат сите мерки за враќање на нормалното напојување со електрична енергија во целата држава.
„Знаеме дека веќе се преземаат сериозни активности, и дека во услови каде што има и снег, во одредени делови е вратено напојувањето со електрична енергија, но, уште еднаш апелираме да се врати напојувањето на територијата на целата држава, изјави претседателот на Регулаторната комисија Марко Бислимоски.