По два часа заврши средбата преку видео врска на американскиот претседател Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин, јавува агенцијата Ројтерс. Двајцата лидери разговараа во време на зголемени тензии поради трупањето на руски војници на украинската граница поради што западните земји стравуваат дека Москва се подготвува да го нападне својот јужен сосед.
Засега ниту Белата куќа, ниту Кремљ не излегоа со детали од средбата. На снимката од почеток на состанокот емитувана на руската телевизија се гледа како Бајден и Путин пријателски се поздравуваа, а американскиот претседател му вели на рускиот колега дека се надева оти нивната следна средба ќе биде во живо. Белата куќа, пак, објави соопштение во кое се наведува дека разговорите започнале, но не испрати фотографии или видео од претседателот Бајден.
Почна средбата на Бајден и Путин
Инаку, денешната средба е трет директен разговор на двајцата лидери откако Бајден стана претседател во јануари. Очекувањата беа дека овој разговор може да биде и најважен поради тоа што Вашингтон сака да ја одврати Русија од можна инвазија на Украина, а Кремљ, пак, бара гаранции дека поранешната советска република никогаш нема да стане членка на НАТО.
Бајден: Ќе направам „да ѝ биде тешко“ на Русија да ја нападне Украина
Бајден, како што изјави вчера висок претставник на американската администрација на средбата ќе го предупреди Путин на тешки економски последици доколку Русија изврши инвазијата врз Украина.
Кремљ, пак, пред состанокот ја опиша состојбата на односите меѓу САД и Русија како „прилично жална“, наведувајќи дека не очекува напредок на состанокот на двајцата лидери.