Ирак испраќа авиони за враќање на околу 800 мигранти заглавени на границата меѓу Белорусија и Полска, откако претходно речиси 1.000 веќе беа донесени дома, соопшти Министерството за надворешни работи на земјата.
Портпаролот на ирачкото Министерство за надворешни работи Ахмед ал-Сахаф на 26 ноември изјави дека во следните 24 часа два лета на „Ирак ервејс“ ќе вратат 861 мигрант.
Со летовите бројот ќе се зголеми на 1.894 Ирачани, од кои повеќето Курди, кои од Белорусија се вратени дома со специјални летови, во операцијата која започна на 18 ноември.
Полска и другите земји на ЕУ го обвинуваат белорускиот моќник Аљаксандр Лукашенко дека води „хибридна војна“ со тоа што им дозволува на мигрантите да летаат внатре во земјата, а потоа ги насочува кон границите на блокот поради одмазда за воведените санкции за сеопфатното задушување од минатогодишните спорни претседателски избори.
Над 600 мигранти од Белорусија се вратија во Ирак
Во меѓувреме, ЕУ го подготвува петтиот пакет санкции против Белорусија за оркестрирање на мигрантската криза и притисок врз земји како Ирак да ги вратат своите граѓани.
Полска, Летонија и Литванија поставија огради и распоредија илјадници граничари, војници и полицајци за да ја запечатат границата, каде што илјадници мигранти кампуваа на ниски температури.
Полска вели дека групи мигранти сè уште продолжуваат илегално да ја преминуваат границата од Белорусија и предупреди неодамнешните потези на Минск за враќање на некои од мигрантите, да не се толкуваат како деескалација на кризата.
Претходно на 26 ноември, Лукашенко го направи своето прво јавно појавување на границата од почетокот на кризата, велејќи им на мигрантите дека можат слободно да изберат дали ќе се упатат кон ЕУ или ќе си одат дома.