Спасувачите пронајдоа преживеан по експлозијата во рудник во рускиот регион Сибир. Човекот што беше извлечен од окното на рудникот е спасувач за кој се претпоставуваше дека е мртов, се вели во извештаите на руските власти.
Во пожарот во рудникот за јаглен, загина најмалку 52 лица. Ова се смета за најсмртоносна рударска несреќа во земјата во повеќе од една деценија. Експлозијата се случи рано утрото на 25 ноември во рудникот Листвјажнаја во југозападен Сибир. Во моментот на експлозијата во окното биле вкупно 285 рудари.
Неколку часа по експлозијата во рудникот спасувачите беа принудени да ја прекинат потрагата по преживеани поради акумулација на гас од метан и јаглерод моноксид од пожарот.
Гувернер на регионот Кемерово каде што се наоѓа рудникот, Сергеј Цивиљев, на Телеграм, апликацијата за пораки, соопшти дека преживеаниот бил хоспитализиран.
Регионалните власти прогласија тридневна жалост, а Истражниот комитет на Русија покрена кривична истрага за пожарот поради прекршување на безбедносните прописи што доведоа до смртни случаи. Се наведува дека директорот на рудникот и двајца раководители се приведени.
Пожар во рудник за јаглен во Сибир, најмалку 11 загинати
Денеска е покрената уште една кривична истрага за наводно невнимание на државните службеници кои извршија увид во рудникот претходно овој месец.
Инспекциите во рудникот направени лани и годинава наводно откриле десетици безбедносни прекршувања, некои од нив и сериозни.
Рудникот е во сопственост на СДС-Угол, една од најголемите руски компании за јаглен.