Нов сој на коронавирусот, чиј висок број на мутации би можел да ја загрози ефикасноста на постојните вакцини, е забележан во Јужна Африка, соопштија денеска научниците.
„За жал, детектиравме нова варијанта (на вирусот) која претставува извор на загриженост во Јужна Африка“, објави вирусологот Тулио де Оливеира на онлајн конференција за новинари.
Скептични кон вакцини, но не и кон новите антиковид лекови
Сојот Б.1.1.529 покажува „исклучително висок“ број на мутации, наведуваат јужноафриканските претставници кои претходно го открија и бета сојот на вирусот.
Во оваа фаза, научниците не се сигурни колку се ефикасни антиковид вакцините против овој нов сој на вирусот.
Појавата на новиот сој е сигурно причина за експоненцијалниот раст на зарази во изминатите неколку недели, рече министерот за здравство Џо Фахла, кој присуствуваше на конференцијата за печат.
Случаи од новиот сој се пријавени и во соседна Боцвана и во Хонгконг, кај човек што се вратил од патување во Јужна Африка.
Јужна Африка, која стравува од нов бран на пандемијата до крајот на годинава, официјално е најтешко погодена земја на африканскиот континент. Во земјата досега има над 2,9 милиони случаи на заразата, а над 89.600 луѓе досега починаа.
Во светот во моментов најмногу се шири многу заразниот делта сој, кој прво беше детектиран во Индија.