Двајца работници загинале, а 16 се повредени во експлозија во фабриката „ЕдеПро“, која произведува противградни ракети во близина на предградието Бубањ Поток.
Како што јави јавниот сервис РТС, нешто по 14 часот се слушнале посилни и неколку послаби експлозии. Експлозиите се случиле во складиште за ракетно гориво од 260 метри квадратни, во кое имало 500 противградни ракети со 30 килограми експлозив. Компанијата „ЕдеПро“ е дел од наменската индустрија на Србија и се занимава со производство на делови за ракети и горива.
„Двајца работници загинаа, а 16 се повредени, изјави за новинарите командантот на белградската противпожарна и спасувачка бригада, Милош Мајсторовиќ,“ јави јавниот сервис.
Засега не е позната причината за експлозијата, а истрагата е во тек.
Министерството за одбрана на Србија се уште не го коментира овој инцидент. Годинава во Србија се случија две експлозии во друга фабрика од наменската индустрија - „Слобода“ во Чачак во централна Србија.
Во експлозија во фабрика во Чачак повредени три лица
Се уште не се познати причините за овие несреќи. Во одговорот за РСЕ во септември, Министерството за одбрана наведува дека додека не заврши работата на независните комисии, не може да се дадат никакви заклучоци за причините за пожарите и експлозиите што се случија во таа фабрика во јуни. Во двете експлозии што се случија во период од 15 дена, повредени се тројца работници на фабриката за производство и извоз на оружје и воена опрема.
Како што тогаш изјавија официјалните лица, експлозиите се случиле во магацините за оружје, а самата фабрика била затворена со денови потоа додека деминерите го расчистувале теренот.