Професорот и постар соработник во Советот за меѓународни односи во Вашингтон, Чарлс Купчан во интервју за МИА изјави дека ЕУ треба да изврши притисок врз Софија во однос на приговорите за влез на Северна Македонија, а со тоа и на Албанија, во Унијата. Според него, Бугарите започнале да играат на националистички карти, што не е изненадување.
„Прашањето за македонскиот јазик и културата, дали јазикот бил западнобугарски или дали е посебен, е дебата која покренува политички одгласок, но тоа прашање е целосно несоодветно и контрапродуктивно. Да се задржуваат приговори за влез на Северна Македонија, а со тоа и на Албанија, во ЕУ, а заради некакви историски прашања?! Таа страна која треба да постави доволен притисок врз Софија всушност е ЕУ“, вели Купчан.
Тој притоа ја охрабрува администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден да продолжи да го истакнува тоа, и ја охрабрува ЕУ, која, според него, е најодговорна страна во случајот, да и даде до знаење на Софија дека такви политички игри се недобредојдени.
Нинова - Додека јас преговарам за влада, Северна Македонија нема да влезе во ЕУ
Според него, за конечно да се решат недоразбирањата со Софија и Северна Македонија и Албанија да започнат преговори за влез во ЕУ, потребно е Бугарија и останатите влади во регионот силно да се посветат на демократски реформи и борба со корупцијата.
„И Бугарија и Северна Македонија треба да завршат огромна работа дома. Да извршат демократски реформи, борба со корупцијата, да се ослободат од економијата на патрони, да го подобрат квалитетот на независните медиуми и многу друго. Бугарија и Северна Македонија, како и другите земји во регионот, треба да го трошат целото свое време и енергија на реформи и привлекување инвестиции за подобување на животите на нивните граѓани. Да се навлегува во спорови за јазикот и историјата е непотребно и контрапродуктивно одвлекување на вниманието, всушност затоа и се употребува таа реторика, вниманието на јавноста да се одвлече од пропустите на власта која не си ја врши работата. Ги охрабрвам сите влади во регионот, вклучително и онаа на Бугарија, да престанат да играат историски и националистички игри, и да започнат со тешката работа за демократски развој и домашни реформи“, посочува тој.
Купчан е професор на Универзитет Џорџтаун, и добар познавач на приликите во постсоветскиот и балканскиот регион. Тој беше ангажиран како советник за европски прашања во Националниот совет за безбедност при администрацијата на поранешниот претседател на САД, Барак Обама.