Ерменскиот премиер Никол Пашинијан и азербејџанскиот претседател Илхам Алиев следниот месец ќе се сретнат во Брисел за да разговараат за граничните судири и унапредувањето на дипломатијата, соопшти Европската унија.
„Лидерите се согласија да се сретнат во Брисел за да разговараат за регионалната ситуација и начините за надминување на тензиите за просперитетен и стабилен Јужен Кавказ, кој ЕУ го поддржува“, рече портпаролот на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Средбата ќе се одржи на 15 декември на маргините на самитот на Источното партнерство на ЕУ во Брисел. Соопштението дојде откако Мишел имаше телефонски разговори со Алиев и Пашинијан.
„За време на телефонските разговори, лидерите на Ерменија и Азербејџан, исто така, се согласија да воспостават директна комуникациска линија, на ниво на соодветните министри за одбрана, која ќе служи како механизам за спречување инциденти“, соопшти ЕУ.
Ерменија пријави шест, а Азербејџан седум убиени војници во граничните судири
Тоа ќе бидат трети разговори лице в лице меѓу лидерите на Ерменија и Азербејџан по минатогодишната 44-дневна војна за Нагорно-Карабах во која загинаа илјадници лица пред страните да се согласат на прекин на огнот со посредство на Русија.
Двете претходни средби беа во Москва со учество на рускиот претседател Владимир Путин. Повторни гранични судири избувнаа меѓу Азербејџан и Ерменија претходно оваа недела, во најлошите борби од минатогодишната војна во Нагорно-Карабах.
Азербејџан соопшти дека седум нејзини војници биле убиени во борбите на 16 ноември. Ерменија соопшти дека шест нејзини војници биле убиени, 13 биле заробени, а судбината на уште 24 војници не е позната. Двете страни меѓусебно се обвинуваа за започнување на најновите непријателства, кои завршија со уште еден прекин на огнот со посредство на Русија.