Нивото на закана од тероризам во Велика Британија е подигнато на „сериознo“, по експлозијата пред женската болница во Ливерпул.
Таксистот Дејвид Пери ја преживеа експлозијата, но неговиот патник загина откако во автомобилот експлодираше импровизирана бомба.
Мажот, за кој се верува дека го изработил и го внел уредот во таксито, почина на лице место.
Полицијата соопшти дека мотивот за нападот останува нејасен и дека експлозијата се третира како терористички напад.
Министерката за внатрешни работи Прити Пател изјави дека нивото на закана е подигнато од „значајно“ на „сериозно“, што значи дека голема е веројатноста да се случи напад, бидејќи експлозијата во Ливерпул е втор инцидент за еден месец.
Експлозијата пред болница во Ливерпул е терористички чин
Полицијата ја третира како терористички напад смртта на конзервативниот пратеник Сер Дејвид Амес, кој на 15 октомври неколку пати беше избоден за време на состанокот со неговите гласачи во Есекс.
По експлозијата во Ливерпул четворица мажи беа уапсени според Законот за тероризам.
Експлозивната направа што го разнела таксито ја активирал патник.
Полицијата во соопштението наведе дека го знае идентитетот на патникот кој загинал од експлозијата, но не го соопшти неговото име.