Во Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза” во Чаир синоќа почина родилка на возраст од 26 години, на која со царски рез и било извадено машко бебе, соопшти Министерството за здравство. По иницијалната стабилизација, бебето е префрлено на Клиника за детски болести.
Починаа две родилки позитивни на ковид-19, едното бебе е добро, другото е на респиратор
Во соопштението се посочува дека пациентката, прворотка која била во 36 седмица од бременоста, во болницата била донесена во многу тешка здравствена состојба, со висок крвен притисок и отежнато дишење.
Од МЗ додаваат дека во таква лоша состојба таа била во претходните четири дена, во кои ниту еднаш до синоќа не побарала лекарска помош.
„Со увид во извештаите во електронската база „Мој термин“ е констатирано дека станува збор за недоволно контролирана бременост, со само една претходна контрола во 30-та недела од бременоста, кога првпат е утврдено присуство на висок притисок. Тогаш на пациентката ѝ била ординирана терапија и дадени напатствија за интензивен мониторинг и болнички контроли. Според кажувањето на семејството, пациентката не одела на контроли, а терапија пиела повремено“, наведуваат од МЗ.