Денеска се одбележува 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје во Втората светска војна.
На 13 ноември 1944 година, борците од 42. и 50. Народноослободителна дивизија на македонската војска и 16. Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичка окупација.
Бугарија и 11 октомври- што сака Софија со барањето за рехабилитација на жртвите од комунизмот?
По повод одбележувањето на 13 Ноември, борците од Народноослободителната антифашистичка војна ќе имаат средба со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
По средбата предвидено е делегациите да положат цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел и на вечното почивалиште на генерал Михајло Апостолски во Алејата на заслужни граѓани. Делегациите ќе положат цвеќе и пред Споменикот на ослободителите на Скопје, пред Владата.
Во македонската Филхармонија вечерва ќе биде доделена и наградата „13 Ноември“. Од областа на науката добитници се: проф. д-р Денко Малески и д-р. Емил Ниами, автор, лектор и преведувач. Во образованието и воспитанието добитник е проф. д-р. Мишо Докмановиќ, а во публицистиката Слободан Петровиќ. Од областа на културата добитници се: Ирена Колиштрковска-Настева и Лилјана Пандева, писател, поет, прозаист, од областа на уметноста добитник е Емилија Џипунова.
Од областа на здравствената заштита награден е тимот за имунизација од ковид-19 при Здравствениот дом – Скопје и медицински тим на доктори кои ја изведоа првата операција во Македонија, имплантација на вагус нерв стимулатор, кај пациент со епилепсија отпорен на лекови.
Меѓународната награда ја доби актерот Раде Шербеџија.
Од ученици и студенти добитници се: Сандра Недановска, од правни лица Институтот за македонска литература – Скопје и Основното училиште „Кирил и Методиј“ од село Стајковци, Општина Гази Баба.