Само брзи избори се излез од кризата во која Заев ја турка државата, изјави денеска на прес-конференција Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ, еден ден откако пропадна обидот да изгласаат недоверба на владата, оти не беше обезбеден кворум. Само стабилна влада ќе може да ја извади државата од кризи, вели тој.
„Вчера Заев мораше да киднапира пратеник за на одредено време да си го продолжи мандатот и можноста за крадење“, рече Ковачи, кој е член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој вели дека органите и телата на партијата заседаваат и ќе одлучат што ќе преземат во наредниот период.
Од ВМРО-ДПМНЕ се уште се на став дека Реџепи е киднапиран и дека се јавува само со статуси на Фејсбук. Од партијата велат дека тој бил потпишан на инцијативата за ново мнозинство во Парламентот и дека ако било сè во ред Реџепи ќе се појавел во Собранието.
Ковачки вели дека актуелната влада е единствена која нема мнозинство и има само 59 пратеници.
„Оваа влада нема легитимитет да продолжи да владее. Тие можат со недемократски методи да присилат уште пратеник, два или три, но не можат да ја променат реалноста“, рече Ковачки.
СДСМ вчера најави дека парламентарното мнозинство ќе расте, но не соопштија дополнителни детали.