Најмалку 99 луѓе загинаа во главниот град на Сиера Леоне Фритаун во експлозијата на цистерна со нафта до која дојде по сударот со друго возило, изјави за агенцијата Ројтерс заменикот министер за здравство Амара Џамбаи. Во болниците се лекуваат десетици луѓе со сериозни изгореници, соопшти заменик претседателот Мохамед Јулдех Јалох кој дојде на местото на настанот со други претставници на власта.
Според очевидци експлозијата се случила кога возило се запалило на бензинска станица, а по сударот што претходно го имало.
Во оганот кој се проширил изгореле луѓе во автомобили кои се наоѓале и на блискиот пат. Повеќето од жртвите се улични продавачи и моторџии кои се нашле таму за да наполнат гориво, рече доброволецот Јусу Јаска кој е на местото на настанот, а пренесува агенцијата Франс Прес.
Во експлозија на камион со нафта, загинаа 55 луѓе во Нигер
Инциденти со нафтени цистерни се случуваа и порано во Сиера Леоне, која е една од најсиромашните земји во светот. Слични несреќи имаше и во други држави од Африка. Во 2009 година повеќе од сто луѓе загинаа кога нафтена цистерна се преврте северозападно од кенискиот главен град Најроби, а експлозијата ги зафати оние кои се обидуваа да земат гориво од превртеното возило. Најмалку сто луѓе загинаа во 2019 исто така при експлозија на цистерна во Танзанија, а во 2015 година повеќе од 200 луѓе загинаа при сличен инцидент во Јужен Судан.