Шефот на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) изјави дека доколку целосно се задржат ветувањата дадени на климатската конференција „КОП26“ за намалување на емисиите на стакленички гасови, глобалното затоплување ќе биде ограничено на 1,8 степени Целзиусови.
Разговорите во шкотскиот град Глазгов се насочени кон спроведување на целите договорени во Париз во 2015 година, за да се ограничи глобалниот просечен пораст на температурата многу под 2 степени во однос на прединдустриските нивоа и да се направат напори да се ограничи на 1,5 степени Целзиусови.
Лесни ветувања и тешки преговори на самитот за климата во Глазгов
Додека многу невладини организации се скептични дека ветувањата коишто беа објавени во Глазгов ќе бидат спроведени, извршниот директор на ИЕА Фатих Бирол денеска пред публиката на маргините на конференцијата изјави дека анализата на досегашните ветувања е „исклучително охрабрувачка“.
„Во последните неколку дена слушнавме неколку ветувања и обврски од земјите, во однос на нивните нето-нула емисии на јаглерод диоксид до 2050 година - некои од нив се малку подолгорочни“, рече Бирол, додавајќи:
„Слушнавме и дека повеќе од 100 земји ветија дека ќе ги намалат емисиите на метан“.
„Доколку целосно се спроведат сите ветувања за неутралност на јаглеродот и метан, ќе имаме траекторија за зголемување на температурата која е 1,8 степени. Ова е одлично“.
ИЕА е тело со седиште во Париз кое ги советува владите за енергијата.