Наставничкиот пленум бара зголемување на платата на сите вработени во образованието за 20 отсто од јануари 2022 година, повикувајќи се на растот на цените на производите за секојдневни потреби и на растот на минималната плата во државава.
Во барањето кое го упатува до министерката за образование и наука Мила Царовска, Наставничкиот пленум посочува дека на анкетата што ја спровел, големо мнозинство од неговите членови се изјасниле дека се незадоволни од сегашните примања на вработените во образовните институции.
Неделков - Не може минималната плата да расте, а другите плати да стојат
„Вработените во образованието заслужуваат подобар животен стандард и повеќе средства за егзистенција и поради тоа бараме од Вас сериозно да пристапите кон нашето барање и да го реализирате“, наведува Пленумот во барањето до Царовска.
Министерството за образование и наука пак ги повикува наставниците и Наставничкиот пленум барањето за зголемување на платите да го упатат до пратениците во Собранието на Република Македонија, каде со месеци е заглавен предлог законот со кој се обезбедува континуиран раст на платите на наставниците.
„Потсетуваме дека во изминатите 4 години платите на наставниците кои имаат работен стаж од 10 години се зголемени за околу четири и пол пати, односно за 4.000 денари, додека во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ само за 800 денари. Дополнително минатата година, но и оваа година, блок дотациите кон општините се зголемени за 2%. Во ова зголемување, освен средства за набавка на потребните материјали и средства за хигиена и дезинфекција се предвидени средства за исплата на прекувремените часови работа на наставниците“, се наведува во соопштението од ресорното министерство.