Во постизборно писмо до членството, лидерот на СДСМ Зоран Заев наведува дека е јасна пораката што гласачите му ја испратија на СДСМ во првиот изборен круг. Исто така, посочува дека партијата сега треба да постапува согласно таа порака.
„Граѓаните во првиот круг на овие избори ни пратија јасна порака и ние таа порака мораме да ја слушнеме, да ја разбереме и да постапуваме по неа. Народот не е за ВМРО-ДПМНЕ. Но, во исто време народот сака многу подобар резултат и многу повисок интензитет на промени реализирани од СДСМ. Ние тоа и можеме и мораме да го испорачаме. Сите ние, секој од нас. Заедно“, пишува Заев.
Која е причината за лошите изборни резултати на СДСМ?
Тој нагласува дека СДСМ има демократска обврска да се бори и да испорача промена и подобрување во начинот на управување за, како што вели, да застанеме на патот на заканите и опасностите што ги носи ВМРО-ДПМНЕ.
„Граѓаните сакаат земјата и општините да ни одат напред и ние мораме да го дадеме максимумот за тоа да се случи. Во спротивно, режимот тропа на вратите. И веќе успеа да влезе во некои од општините. Ние имаме демократска обврска да се бориме, да испорачаме промена и подобрување во начинот на наше управување и да застанеме на патот на заканите и опасностите кои ги носи ВМРО-ДПМНЕ. Влегуваме во вториот круг и во борба за секој глас, за секој град, за секоја општина. Нема важни и неважни. Сите се важни“, наведува Заев во писмото до своите сопартијци.