Актуелниот градоначалник на Куманово, кој е кандидат и на овие избори Максим Димитриевски се пожали дека го следело возило на МВР, а потоа полицијата го запрела и му ги зела документите. Во соопштението од изборниот штаб на Димитриевски се наведува дека полицијата со ротација го одвела градоначалникот на технички преглед, иако, како што тврди тој, возилото е ново и тој има уредно полномошно за управување на возилото.
„На овој начин јас лично се онеспособувам да ја работам мојата работа како градоначалник и кандидат во рамки на изборната кампања. Односот на полициските службеници е целосно непрофесионален, може да видите дека на возилото се запалени ротации и не насочуваат, каде ќе не носат не знам“, вели Максим Димитриевски, кој на Фејсбук објави видеа за случајот.
Димитриевски за градоначалник во 2017 е избран од редовите на СДСМ, но по повеќемесечни несогласувања со раководството на партијата, тој на овие избори се кандидира како независен.
Обвинувања за „Списоци со гласачи“ и притисоци во изборна кампања
Изборната битка во Куманово продолжува во втор круг, а се натпреваруваат Димитриевски и кандидатот на СДСМ, Оливер Илиевски.
Од МВР велат Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди е вклучен за целосно расчистување на случајот.
„МВР нема да дозволи било каков притисок, незаконско постапување или злоупотреба на положбата“, велат од МВР.