Советот на Општина Радовиш на вчерашната вонредна седница донесе одлука денешниот ден да се прогласи за ден на жалост заради трагично загинатите двајца алпинисти, 45 годишниот Зоран Мајсторски и 20 годишниот Драган Станишков членови на Алпинистичкиот клуб „Плоча“ од Радовиш.
Тие загинаа вчера напладне при чистење на високо недостапни силоси во рудникот „Бучим“ кај Радовиш.
Загинаа двајца работници во рудникот Бучим
Јавното обвинителство соопшти дека според првичните сознанија, до несреќата дошло при чистење на два силоси, високи по 25 метри, со дијаметар од 17 метри, во кој се складира руда.
„Починатите, жители на Радовиш, членови на алпинистичкото друштво „Плоча“, на возраст од 20 и 45 години, биле ангажирани со договор меѓу две правни лица за специфична услуга за чистење на силосите полни со руда“ се вели во соопштението.
Од Обвинителството додаваат дека е забрането работењето на тој дел од рудникот, и истиот е обезбеден од полициски службеници, а увидот продолжува и денеска со увид на местото на несреќата со присуство на техничка инспекција со рударски инженери.