Претседателката на Тајван денеска вети дека ќе го брани островот од зголемениот притисок на Кина за обединување, по една недела тензии со Пекинг.
Говорејќи на прославата на Националниот ден на островот, претседателката Цај Инг-вен рече дека Тајван нема да се поклони пред притисокот на Пекинг и дека ќе го брани својот демократски начин на живот.
„Ќе дадеме се од себе да спречиме еднострано менување на статус кво ситуацијата“, рече Цаи.
„Ќе продолжиме да ја зајакнуваме нашата национална одбрана и ќе ја демонстрираме нашата решеност да се браниме со цел да се осигураме дека никој не може да го натера Тајван да тргне по патот што Кина го постави за нас“, додаде тајванскиот лидер.
Кинескиот претседател вети „обединување“ со Тајван
Кина го гледа демократскиот Тајван како отцепена провинција, но островот со 23 милиони луѓе се гледа себеси како суверена држава.
На 9 октомври, кинескиот лидер Си Џинпинг рече дека обединувањето со Тајван „мора да се оствари“, додавајќи дека е можно „мирно“ обединување.
Во изминатите денови, Кина испрати рекорден број борбени авиони кон меѓународниот воздушен простор близу Тајван.