А.К. Кан - таткото на пакистанската програма за нуклеарно оружје почина во Исламабад на 85-годишна возраст.
Пакистанската државна телевизија ПТВ на 10 октомври објави дека Абдул Кадир Кан починал откако бил однесен во болница поради проблеми со белите дробови.
Претходно беше објавено дека Кан се заразил со Ковид-19. Кан се сметаше за национален херој во Пакистан, затоа што ја направи земјата прва исламска нуклеарна сила во светот.
Пакистан го направи својот прв успешен тест за нуклеарно оружје во мај 1998 година. Регионалниот ривал Индија го направи својот прв тест за нуклеарно оружје во 1974 година.
Вашингтон и Москва ќе разговараат за контрола на оружјето
Пакистанскиот претседател Ариф Алви на Твитер објави дека „благодарната нација никогаш нема да го заборави неговото служење“.
Премиерот Имран Кан го опиша А.К. Кан како „национална икона“, додавајќи дека тој „бил сакан од нашата нација“.
Министерот за одбрана Первез Хатак на Твитер објави дека е „длабоко ожалостен“ од смртта на Кан, нарекувајќи ја „голема загуба“ за Пакистан.
Министерот за внатрешни работи Шеик Рашид за „GeoTV“ изјави дека ќе се одржи државен погреб за научникот.
Кариерата на Кан беше проследена со обвинувања дека тој бил вклучен во продажба на нуклеарни тајни на земји, вклучително на Северна Кореја, Иран и Либија.
Во февруари 2004 година тој се појави на пакистанската државна телевизија и призна дека водел синџир за пролиферација. Потоа тој беше помилуван од претседателот Первез Мушараф.