Организација од Хонгконг, која го организира годишното бдеење на 4 јуни во знак на сеќавање на демонстрантите убиени на плоштадот Тјенанмен во Кина во 1989 година ќе се распушти, откако се соочи со обвиненија поврзани со национална безбедност.
Тоа е најновата од десетици граѓански организации кои се повлекоа во изминатата година, откако Пекинг го воведе законот за национална безбедност во Хонгконг.
ОН: Апсења и закани на одбележувањето од протестите на Тјенанмен во Кина
„Верувам дека луѓето во Хонгконг, без разлика која е нивната улога, ќе продолжат да го одбележуваат 4 јуни како претходно“, изјави Ричард Цои, секретар на организацијата Хонгконшка алијанса за поддршка на патриотските демократски движења во Кина.
За распуштање на организацијата гласале 41 нејзин член, а четворица биле против, рече Цои.
Хонгконг традиционално го одржува најголемото годишно бдеење во светот на 4 јуни, иако полицијата ги забрани последните два настани поради загриженост од ширењето на коронавирус. Кина ги забранува комеморациите и ја цензурира темата.
Кина никогаш не даде целосен извештај за сузбивањето на протестите во 1989 година. Властите подоцна соопштија дека имало околу 300 жртви, но организациите за човекови права и очевидци велат дека можеби биле убиени илјадници луѓе.
Пекинг во воведе контроверзниот закон во Хонгконг пред една година, по што ги затвори или протера најголемиот број од продемократски политичари.
Поранешната британска колонија е дел од Кина, но е управувана според принципот „една земја, два система“, што значи дека градот има сопствен правен систем и права, меѓу кои и слобода на говор и слобода на печат.