Обединетите нации објавија дека со 45 милиони американски долари ќе му помогнат на нарушениот здравствен систем во Авганистан, за кој Светската здравствена организација (СЗО) рече дека е „на работ на колапс“ по преземањето на власта од страна на Талибанците во средината на август.
Земјите и меѓународните организации за помош ги суспендираа исплатите за Авганистан за да ги спречат Талибанците да добијат пристап до парите за помош, додека десетици илјади авганистански лекари и други медицински лица ја напуштија земјата.
„Здравствениот систем на Авганистан е на работ на колапс. Доколку не се преземат итни мерки, земјата се соочува со непосредна хуманитарна катастрофа“, рекоа шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус и регионалниот директор Ахмед ал-Манхари, по денешната посета на Кабул.
Шефот за помош на ОН, Мартин Грифитс рече дека 45 милиони долари ќе им бидат доделени на СЗО и Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ), што ќе им овозможи со помош на партнерските невладини организации да ги одржуваат здравствените установи во функција до крајот на годината.
Почна училишната година во Авганистан, но не и за девојчињата и наставничките
Тедрос рече дека девет од 37 болници што третираат пациенти со ковид-19 се затворени, додека „сите аспекти на одговорот на болеста се намалени, вклучително и надзор, тестирање и вакцинација“.
Додека 2,2 милиони луѓе беа вакцинирани пред август, стапките на имунизација „брзо се намалија“ во последните недели, а 1,8 милиони дози во земјата остануваат неискористени.
„Потребна е брза акција за да се користат овие дози во наредните недели“, рече Тедрос.
Бидејќи помалку жени сега работат како медицински сестри, женските пациенти исто така се држат настрана од клиниките. Како и да е, СЗО соопшти дека продолжува да инвестира во обука на жени во оваа област.
СЗО соопшти дека донела 170 тони медицински материјали во Авганистан откако Талибанците стапија на власт. За да продолжи помошта, на СЗО и се потребни околу 38 милиони долари во следните четири месеци.