Потпретседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Катица Николовска денеска изјави дека дел од градоначалниците со пари од општините вршат набавка на гориво за приватни возила кои ги користат за партиски активности.
„Знаејќи дека ДКСК воспостави механизам да следи дали службените возила се користат за потребите на изборите, некои од градоначалниците трошат општински пари за набавка на гориво, кое се точи во други приватни возила, кои се користат во партиски активности, коишто се почнати предвреме“, потенцира Николовска на јавна дебата посветена на претстојните локални избори.
Таа рече дека ДКСК ги следи сите дојави и согласно надлежностите, ќе се оцени дали има потреба од отворање на предмет, постапување и соодветно санкционирање.
Од ДКСК сметаат дека донекаде успеале да го решат проблемот со користење на службени возила за партиски активности, останува уште да се најде начин да се спречи користењето на горивото платено со општински пари а користено за приватни возила.
Ќе се конфискува имот над 30 илјади евра чие потекло нема да може да се докаже
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска истакна дека политичката култура на една земја е многу важна за изборниот процес. Според неа, обезбедување интегритет на изборите претставува лесен и возможен процес кога постои општ и национален консензус за начинот на нивно спроведување.
„Независноста, која вклучува избегнување на судир на интереси и праведно постапување кон сите страни преку почитување на предметната регулатива. Понатаму, транспарентноста – гласачите и кандидатите имаат право да бидат информирани како ДИК ја извршува својата работа. Целиот изборен процес треба да биде транспарентен, без разлика дали станува збор за дизајн на гласачи ливчиња, набавка на системи за гласање и друго. Електронската пошта и другите комуникации, треба да бидат сместени во безбедни сервери со постојана евиденција за брза усогласеност со барањата за отворена Влада. Надзорот над процесот треба да работи по правило на отворени состаноци заедно со барањата за двопартиско претставување. И штом ќе се затворат гласачките места, каде што е можно, процесот на пребројување на гласови треба да биде пренесуван во живо“, рече Ивановска.