Првичните резултати од почетокот на ветингот на дипломатите во МНР покажува дека на две лица ќе им биде раскинат работниот договор затоа што немаат безбедносен сертификат од безбедносните служби, информира денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Дали функционерите навистина ништо не знаеле за ерменската афера?
„На едно лице при проверка на безбедносниот статус одбиено му е барањето за безбедносен сертификат и не го поминал првиот филтер. За причините за одбивањето не добив образложение, а започната е и процедура за прекинување на работниот однос. Друго лице користело несоодветен сертификат. И тој не го поминува првичниот ветинг и за него следува прекин за работниот однос. Со тоа може да се заклучи дека две лица не го поминаа ветингот“, рече Османи.
одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во седиштето на неговата матична партија ДУИ во Скопје.
Тој посочи дека овие двајца не се од групата на дипломати за кои Ерменија издаде меѓународна потерница преку Интерпол.
Во рамките на темелите проверки, додаде тој, констатирано е и дека шест лица пропуштиле навремено да побараат обнова на своите безбедносни сертификати. По укажувањата дека може да се работи за технички превид, на овие лица, вели, им е даден рок од седум дена да ја исправат оваа грешка и да побараат соодветна сертификација.
Министерот Османи најави ветинг на дипломатите откако македонски дипломат беше уапсен во Србија по меѓународна потерница издадена од Ерменија.