Австралискиот премиер Скот Морисон денеска изјави дека го разбира разочарувањето на Франција што неговата земја го откажа договорот за купување конвенционални подморници во корист на сојузот со Соединетите Американски Држави и Велика Британија, но нагласи дека тие првенствено треба да ги штитат своите интереси.
„Франција треба да знае дека Австралија имаше длабоки и сериозни загрижувања дека поморската флота произведена во Франција не ги исполнува австралиските потреби“, рече Морисон.
Франција ги отповика своите амбасадори од САД и Австалија
Франција по одлуката на Австралија објави дека итно ги отповикува своите амбасадори од Вашингтон и Канбера. Францускиот министер за надворешни работи Жан Ив Ле Дријан рече дека нивниот потег е оправдан земајќи ја предвид „сериозноста на соопштението“ испратено на 16 септември. Во своето соопштение Ле Дријан наведува дека откажување на Австралија од големиот договор за набавка на француски конвенционални подморници во замена за нуклеарни американски подморници е неприфатливо однесување.
САД, Британија и Австралија во нов пакт АУКУС - веднаш критики од Кина
Австралија, Обединетото Кралство и САД на 15 септември објавија ново безбедносно партнерство за Индо-Пацификот, а официјална Канбера склучи договор за набавка на нуклеарни подморници со Вашингтон и Лондон.