Авганистанските девојчиња се исклучени од денешното враќање во дел од класовите во училиштата , откако талибанската власт нареди само момчиња и машки професори да се вратат во училниците. По отстранувањето на авганистанската влада поддржана од западните земји минатиот месец, исламистичката група вети помек начин на владеење од бруталниот кој што го практикуваа од 1996 до 2001 година кога на девојчињата не им беше дозволено да одат на училиште а на жените да работат и да се образуваат.
Но, последниот потег преземен од целосно машката влада на талибанците е закана за женските права. Министерството за образование доцна вчера соопшти дека од денеска се отвораат училиштата и медресите за сите машки, без да ги спомене учителките и девојчињата.
САД загрижени за новата талибанска влада во Авганистан
Одлуката се однесува на машките од шесто одделение нагоре и нивните учители. Основните училишта за пониските одделенија веќе се отворени, а момчињата и девојчињата следат настава во различни одделенија, додека некои учителки се вратија на работа.
Во соопштение агенцијата на Обединетите нации за деца УНИЦЕФ го поздрави отворањето на училиштата во Авганистан кои беа затворени со месеци поради пандемијата со коронавирусот. Но, агенцијата наведува и дека е сериозно загрижена за иднината на образованието на девојчињата во таа земја.
Во последните дваесет години направен е значителен напредок во образованието на жените, а нивната писменост се зголеми речиси двојно и стигна до 30 отсто. Во меѓувреме студентите од двата пола учат заедно и не мора да се придржуваат до кодексот за облекување.