Израелската полиција приведе четворица од шестмина Палестинци кои оваа недела побегнаа од затвор со максимално обезбедување преку тунел. Четворицата заробени Палестинци беа донесени пред суд, откако беа приведени во северен Израел. Во полициското соопштение се наведува дека израелските безбедносни сили, вклучително и војската, работеле „деноноќно“ за да ги фатат бегалците.
Петмина од избеганите затвореници се членови на милитантната група Исламски џихад, а другиот е поврзан со групата Фатах, се вели во израелското соопштение. Четворица беа осудени за терористички дела, а двајца отслужуваа доживотна казна затвор. Шестте Палестинци побегнаа од затвор на 6 септември, по што започна потера по Израел и на Западниот брег. Во полициското соопштение е наведено дека ловот по другите двајца бегалци продолжува.
Шестмина палестински милитанти избегаа од затвор во Израел
Палестинските милитанти во Појасот Газа истрелаа ракета врз Израел на 10 септември во очигледен знак на солидарност со бегалците, предизвикувајќи одмазднички воздушни напади. Израел соопшти дека палестинските милитанти во Газа на 11 септември повторно истрелале ракета кон Израел, а војската повторно одговорила со воздушни напади.