Европската Унија изрази сочувство по трагедија што настана синоќа во модуларната болница во Тетово. Портпаролката на Европската Комисија Ана Писонеро изјави дека ЕУ испраќа најдлабоко сочувство до семејствата и пријателите на жртвите на овој трагичен пожар и им посакува брзо закрепнување на повредените.
Изгоре ковид-центарот во Тетово, потврдени 14 починати
Во синоќешниот пожар во модуларната тетовска болница загинаа најмалку 14 луѓе. Сочувство изрази и амбасадорот на ЕУ во земајва, Дејвид Гир.
„Нашите мисли се со тетовци утрово по трагичниот пожар во модуларната болница. Искрено сочувство до семејствата и пријателите на загинатите и најдобри желби за брзо закрепнување на повредените“,напиша Гир на својот официјален профил на Твитер.
Бројот на загинати во пожарот во Тетово се искачи на 14
Сочувство до семејствата на загинатите и солидарност до народот преку Твитер изрази и грчкото министерство за надворешни работи.
„Нашите мисли се со жртвите од ужасниот пожар во болничката единица во Тетово и со сите погодени од оваа трагедија. Го изразуваме нашето искрено сочувство до семејствата на жртвите и нашата солидарност до народот и Владата на Северна Македонија, напишаа од грчкото МНР на официјалниот твитер профил.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, денеска телефонски разговараше со македонскиот премиер Зоран Заев, и во име на српските граѓани изрази сочувство до семејствата на жртвите.
„Граѓаните на Србија се во болка заедно со луѓето во Тетово. Подготвени сме да пружиме секаква братска помош, бидејќи граѓаните на Македонија не се сами во оваа трагедија“, изјавил Вучиќ во телефонскиот разговор со премиерот Заев, соопштија од прес – службата на српскиот претседател.
Владина седница за пожарот во Тетово
Пожарот синоќа избувна околу 21 часот и за кратко време целосно изгоре ковид центарот. Во гаснењето учествуваа над 30 пожарникари кои интервенираа со седум возила. Пожарот е изгаснат за речиси половина час. Според последните информации од обвинителството, досега бројот на загинати во пожарот се искачи на 14. Според првичните информации меѓу починатите нема медицински персонал.