Министрите за внатрешни работи на ЕУ се состанаа денеска на вонреден состанок на Советот за да разговараат за случувањата во Авганистан. Главната тема на средбата биле можните последици во областите на меѓународната заштита, миграцијата и безбедноста.
„Сериозноста на ситуацијата што се развива бара одлучен и усогласен одговор за нејзините многубројни димензии од страна на ЕУ и меѓународната заедница. Евакуацијата на нашите граѓани и колку што е можно повеќе авганистански државјани кои соработуваа со ЕУ и нејзините земји -членки и нивните семејства, беше спроведена по приоритет и ќе продолжи. Во овој поглед, во тек е интензивна работа за да се идентификуваат решенија за преостанатите специфични случаи на лица изложени на ризик во Авганистан“ се вели во соопштението до Советот на ЕУ.
ЕУ како приоритет ја идентификува потребата да обезбеди хуманитарната помош да стигне до ранливото население, особено жените и децата, во Авганистан и во соседните земји. За таа цел, ЕУ и нејзините земји -членки ќе ја зголемат финансиската поддршка за релевантните меѓународни организации.
По 20 години крај на војната во Авганистан
ЕУ ќе ја зајакне својата поддршка за трети земји, особено за соседните и транзитните земји, во кои се сместени голем број мигранти и бегалци, за да ги зајакне нивните капацитети со цел тие да обезбедат заштита, достоинствени и безбедни услови за прием и одржлива егзистенција за бегалците и заедниците домаќини. Во соопштението на Советот на ЕУ е наведено дека Унијата ќе соработува со тие земји за да спречи илегална миграција од регионот, да го зајакне капацитетот за управување со границите и да спречи криумчарење мигранти и трговија со луѓе.
Европската канцеларија за поддршка на азилот треба да ги засили своите надворешни операции за градење капацитети за азил, е посочено во соопштението.
Анализа: Дали Талибанците ќе останат обединети?
Советот ја повикува Европската Комисија да ги процени сите опции за потребната финансиска помош во рамките на Повеќегодишната финансиска рамка, особено инструменти за управување со азил, миграција и граница.
Во соопштението е наведено дека врз основа на научените лекции, ЕУ и нејзините земји-членки се решени да дејствуваат заеднички за да спречат повторување на неконтролираните големи движења на илегална миграција какви што беа сликите од минатото.
„Треба да се избегнуваат стимулации за илегална миграција. Мора да се продолжат сите напори за да се осигура дека режимот на Талибанците ќе ги прекине сите врски и практики со меѓународниот тероризам и дека Авганистан нема повторно да стане засолниште за терористите и организираните криминални групи,“ е истакнато во заедничката изјава на министерите.
ЕУ и нејзините земји -членки, со поддршка на Фронтекс, остануваат решени ефикасно да ги заштитат надворешните граници на ЕУ и да спречат неовластени влегувања и да им помогнат на најпогодените земји -членки.