Владејачката СДСМ денеска ги објави имињата на кандидатите за градоначалници на 16 општини. На прес конференција генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски изјави дека актуелните градоначалници на скопските Општини Карпош и Аеродром Стефан Богоев и Златко Марин, нема да бидат кандидати на СДСМ на претстојните локални избори на 17 октомври. Кандидат за Карпош ќе биде актуелниот директор на скопски „Водовод“ Душко Весковски, додека за градоначалник на скопската општина Аеродром ќе се трка Александар Филиповски.
Досегашниот директор на Царина Горан Сугаревски ќе се кандидира за градоначалник на општина Прилеп, додека во Тетово во трката за градоначалник ќе учествува д-р Хенди Алезовиќ. Во Кавадарци за татко на општината ќе се кандидира Горан Тодоров, додека во Велес ќе се трка д-р Ненад Коциќ.
„Ние дискутиравме и за еден друг круг на кандидати кој што денеска не го соопштуваме, значи имаме поголем број на утврдени кандидати од тие кои што сме ги соопштиле, но за дел од нив треба да се разговара и со општинските организации. А за сите овие имаме обезбедено поддршка од актуелните градоначалници“ изјави Николовски.
СДСМ досега објави имиња за кандидати за градоначалници на дел од општините, меѓу кои и за Град Скопје каде втор мандат ќе бара актуелниот градоначачник Петре Шилегов.
Локални избори - што е кампања, а што мешање партија и држава?
Од опозициската партија деновиве објавија кандидати за градоначалници на повеќе општини, меѓу кои и за уште една скопска општина Центар, каде што кандидат на ВМРО-ДПМНЕ е Наташа Котлар, професор во Институтот за национална историја.
Тони Михајловски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Куманово
Во канцелариите на Државната изборна комисија низ земјава, пак, течат роковите за собирање потписи за независните советнички листи кои треба да го соберат предвидениот број до 30 август. Локалните избори треба да се одржат на 17 октомври, а увидот во Избирачкиот список ќе трае до 9 септември.