Од Центарот за управување со кризи на редовната претпладневна прес-конференција соопштија дека се уште се активни пожарите кај Буковиќ, Раовиќ во Општина Сарај, кај селото Горно Мелничани во Центар Жупа, во атарите на селата Ракле, Никодин и Топлица во Општина Прилеп.
„Според денешните информации кои ги добивме од ситуациониот центар, пожарот кај Буковиќ, Раовиќ во Општина Сарај е се уште активен каде гори мешана шума. Во текот на вчерашниот ден беше извршена комплетна претрага и догасување на постоечките жаришта, а како поддршка се приклучи и црногорскиот хеликоптер којшто со 12 налети испуштајќи голема количина на вода. Но, најверојатно се работи за спрецифично земјиште кое и покрај 17-те тона вода кои вчера беа фрлени врз овој пожар, не се супеа целосно да се изгаси“, истакна на прес-конференција портпаролката на ЦУК, Надица Вчкова.
Активни 3 пожари кај Сарај, Демир Капија и Дебар
Пожарот помеѓу селата Барово и Вешје во Општина Демир Капија, каде гори нискостеблеста мешана шума е повторно активен и во текот на вчерашниот ден беше ставен под контрола. Утрово од 5 часот на терен интервенираат пожарникари од Територијалната противпожарна единица од Неготино, ШС Демир Капија, како и група од месното население.
Вчкова информира дека повторно е активен и пожарот во атарите на селата Ракле, Никодин и Топлица во Општина Прилеп. Гори кракот од село Ракле спрема село Крстец, а рано утрово на терен се испратени едно противпожарно возило и четири пожарникари, како и пет вработени од ШС Црн бор од Прилеп. Пожарот е на тешко пристапен терен.
Според ЦУК, ставени се веќе под контрола пожарите помеѓу селото Црвена вода и Планинарскиот дом Китка во Општина Студеничани, и пожарот на планината Кожув кај местото викано Круша, Гевгелиско, а утрово на терен е излезена екипа на Територијалната противпожарна единица од Гевгелија и ШС Кожув.