Украинските пратеници денеска ја прифатија оставката на министерот за внатрешни работи Арсен Аваков, еден од најмоќните претставници на нацијата, кој го водеше Министерството повеќе од седум години. 57 годишниот Аваков беше министер во последните 4 владини состави.
Тој своето писмо со оставка го доставил пред два дена во Собранието. Во него не била наведена причината за ненадејната одлука за оставка. Оставката на Аваков доаѓа во време кога се погласни шпекулациите дека актуелниот претседател Володимир Зеленски имал намера да го замени поради одбивањето да го поддржи во одредени одлуки пред Националниот Совет за безбедност и одбрана.
Пратениците ќе гласаат за предлогот за негова замена во текот на утрешниот ден. Зеленски го именуваше пратеникот од неговата партија 40 годишниот Денис Монастирски.
Зеленски бара средба со Бајден за „Северен поток 2“
Членство во НАТО на Украина е „црвената линија“ за Русија
Путин: Русите и Украинците се како еден народ
Аваков во март рече дека нема да поддржи воведување санкции против главниот ривал на Зеленски, поранешниот претседател Петро Порошенко. Според Аваков тој не е „непријател на Украина“. Аваков беше министер во времето на Порошенко, кој сега е под истрага за обвиненија за злоупотреба на службената должност, кои Порошенко ги нарекува политички мотивирани.
„Заминувањето на Аваков потенцијално ја зајакнува моќта концентрирана во претседателскиот кабинет,“ изјави поранешниот амбасадор на САД во Украина Џонсон Хербст.
Критичарите долго време го обвинуваа Аваков дека не успеал да ги „заузда“ полициските злоупотреби, да спроведе реформи и да промовира ред и мир во земјата. Тој е обвинет и за корупција.