Словенечкото претседателство со ЕУ е многу мотивирано да го реши прашањето меѓу Северна Македонија и Бугарија и веќе има интензивна комуникација помеѓу нашето претседателство со Софија, со Брисел и со други земји членки на ЕУ.
Ова денеска го изјави словенечкиот амбасадор во земјава Милан Предан, презентирајќи ги приоритетите на словенечкото претседателство со Европската Унија на заедничката седница на Националниот совет за евроинтеграции и на Комисијата за европски прашања во Собранието.
Предан изјави дека не можат да ветат политички чуда, бидејќи, како што вели, во меѓународната политика тоа што можеме да го ветиме е напорна работа, тивка дипломатија.
„Нашиот главен настан на високо ниво што планираме да го направиме ќе биде Самитот ЕУ – Западен Балкан, на Брдо на 6 октомври и искрено се надеваме дека тогаш веќе ќе имаме, ако не одлука, барем една чиста перспектива, односно чисто гледиште како прашањето меѓу Софија и Скопје може да се реши,“ рече пред пратениците Предан.
Според него, предлогот на португалското претседателство, којшто веќе е предлог на Претседателството, е добар балансиран предлог што се грижи за двете страни и оти во решавање на ова прашање добрата страна е што не се почнува од нула.
„Во овој момент не можам да навлезам подетално. Свесни сме за вашите црвени линии, треба да видиме со нашите пријатели од Бугарија каде тие, односно како ние можеме да ги акомодираме нивните барања. Ние сега како претседателство мора да покажеме одредена неутралност. Клучното прашање не е кој е во право во овој спор, туку како да дојдеме до решение кое што двете страни ќе го презентираат пред својата јавност и да добијат некој генерален договор. Тоа е решението, оцени Предан.
Тој е оптимист дека би можел да се постигне некој договор и во заедничката Комисија за историски прашања.