Јавниот обвинител Љубомир Лапе не се согласува со барањето на Кривичниот суд за дообјаснување на фактичката состојба за предметот „Тортура“. Случајот за апсењето на Љубе Бошкоски е вратен во фаза на дополнение на доказна постапка, откако судијката Александра Ристовска, која го води судењето за предметот „Тортура”, на 17 јуни не ја објави најавената пресуда за овој случај со образложение дека на судот не му било јасно кои дејствија ги презеле обвинетите и закажа ново рочиште.
Обвинителот Лапе на денешното рочиште изјави дека сите битни факти се целосно утврдени и фактичката состојба е целосно јасна и концизна, поради што не предлага повторно изведување на докази за овој предмет. Тој во своето излагање посочи дека во обвинителниот акт обвинетите се поединечно наведени и дека сите употребиле прекумерна физичка сила и го легнале Бошковски пред камера, знаејќи дека се снима, а со тоа заедно го сториле делото.
Тој во однос на нејаснотијата која ја посочи судијката Ристовска, за тоа кој обвинет и кое дејствие со колкав интензитет го презел, истакна дека таквата околност е јасно воочлива од видео снимката, како и од исказот од тројца сведоци.
„Во поглед на интензитет на дејствијата сметам дека тоа е емпириски немерлива категорија, туку се гледа дали оставиле трага или страдање врз жртвата. Вештачењето на институтот за судска медицина и вешти лица од областа на псохијатрија, поткрепени со искази на затворскиот доктор и психијатар, како и исказот на жртвата Љубе Бошковски се повеќе од доволни дека ваквиот начин на апсење со малтретирање, застрашување и понижување пред камера кај оштетениот предизвикале душевно страдање од висок степен, еднакво на смрт на близок член на семејство“, изјави Лапе.
Предметот „Тортура“ повторно ќе се отвори, Судот денеска не донесе пресуда
Мијалков останува во притвор
Судењето за случајот за апсењето на Љубе Бошкоски „Тортура” продолжува на 14 јули, кога одбраната ќе треба да се произнесе по изнесеното од обвинителството на преотворената постапка за предметот, и ако нема некои дополнителни докази да продолжи со давање за завршни зборови. Случајот „Тортура”, во врска со приведувањето на Љубе Бошковски, на 4 јуни 2011 година, беше отворен од поранешното СЈО. Првообвинет во овој случај е екс-директорот на УБК Сашо Мијалков и шест припадници на единицата ,,Алфи”.
Досега Мијалков е осуден на 12 години затворска казна за предметот „Таргет-Тврдина“, дносно за незаконското масовно прислушување, потоа 8 години затвор за набавка на британска опрема за следење на електронската комуникација за УБК и 3 години затвор за предметот на СЈО „Титаник 2“, кој се однесува на изборни измами.