Во Институтот за јавно здравје во Тирана попладнево пристигнаа 100 илјади дози вакцини „АстраЗенека“, донација од Република Грција, соопшти министерката за здравство и социјална заштита, Огерта Манастирлиу, заблагодарувајќи ѝ се на Атина за поддршката.
Таа најави дека вакцинацијата ќе продолжи од врата до врата.
Нема нови мерки, вакцините се алфа и омега против делта-сојот
„Досега се пристигнати 1.220.070 анти-ковид вакцини. Ние сме решени да продолжиме без да застанеме со националниот план за вакцинација, од врата до врата, за да ги заштитиме животот и здравјето на граѓаните. Албанија се насмевнува“, напиша Манастирлиу на Фејсбук.
Со процесот на имунизација, кој во земјата, под мотото „Албанија се насмевнува“, почна на 11 јануари, досега се опфатени над 1 милион и 20 илјади граѓани, а половината од нив се ревакцинирани. Се користат вакцини од „Фајзер“, „АстраЗенека“, „Синовак“ и „Спутник В“.
Според националната стратегија за вакцинирање, целото население во Албанија треба да биде вакцинирано до пролет следната година. Според оваа стратегија, за да се постигне целосна имунизација, предвидена е вакцинација на 2,2 милиони луѓе, за кои се потребни 4,4 милиони дози вакцина.