Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието поднесе закон со кој се предвидува да им бидат вратени парите што ги потрошија македонските граѓани за да можат да се вакцинираат надвор од Македонија. Тие очекуваат законот да добие поддршка од сите пратенички групи.
Балканот на вакцинација во Србија
Според партијата „фијаското со вакцинацијата ги примора македонските граѓани да се вакцинираат надвор од границите на Македонија“. Според нив, во странство се вакцинирале околу 40 илјади македонски граѓани, од кои околу 30 илјади во Србија.
„За сите во светот вакцината против КОВИД-19 е бесплатна, но македонските граѓани поради неспособноста на Заев и Филипче ја платија преку трошоци за превоз и за престој во соседните држави за да се вакцинираат“, се наведува во партиското соопштение.
Вакцините против коронавирус во Македонија доцнеа, па многу македонски граѓани се вакцинираа во соседството. Прво тие што имаат пасош од некоја од соседните држави, а потоа Србија дозволи вакцинирање на македонски државјани.