Целосен договор треба да ги има решенијата од португалскиот предлог, дефиниран патоказ и зелено светло за почеток на преговорите. Тогаш двете страни сме ги исполниле обврските и имаме целосен договор. Без една од овие компоненти не можеме да имаме договор и не можеме да почнеме со еднострано имплементирање на поединечни компоненти, изјави денеска на прес-конференција министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Токму тоа, нагласи Османи, беше целта од Договорот од 2017, да нема еднонасочни, еднострани обиди, туку да се воведе една рамка во која што секоја страна ќе си има обврски.
„Бугарија според членот 2 ќе има обврски да ја поддржи евроатлантската интеграција, Република Северна Македонија ќе ги има своите обврски и тие заеднички да ги имплементираме и заеднички да ги мониторираме. Ја гледате логиката на договорот. Комисијата е една за историските прашања, само има дел наши историчари и бугарски историчари, нема две комисии коишто поединечно разговараат. Меѓувладината комисија како дел од тој билатерален мониторинг, не е две меѓувладини комисии, – една комисија раководена од двајца министри за надворешни работи. Значи, процесот е замислен така да може заеднички да преземаме обврски, заеднички да ги имплементираме, заеднички да ги мониторираме. И оттука така треба да продолжиме. Ние не треба да се вратиме на период пред 2017 и да почнеме со еднострани пристапи во решавањето“, рече Османи, одговарајќи на новинарско прашање дали се преземени некакви обврски во Софија и дали тие идеи остануваат.
На тие разменети идеи во Софија како треба да изгледа содржината на патоказот, нагласи Османи, требаше да има одговор пред самитот.
Бугарија пред неколку дена повторно не даде светло за старт на преговорите на ЕУ и Македонија, со образложение дека Скопје не ги исполнило условите. Софија вчера објави 5 теочки кои наводно биле договорани во Бугарија од двете страни.