Стефан Лофвен, социјалдемократскиот премиер на Шведска кој е на функцијата од 2014 година, го загуби гласањето доверба во парламентот кое се одржа денеска во услови на станбена криза во земјата и пораст на цените на недвижностите. Со ова тој стана прв премиер во историјата на Шведска на кој му е изгласана недоверба.
Гласањето беше иницирано од мала левичарска партија која е дел од малцинската влада, но не е член на двопартиската владина коалиција, а досега гласаше како и мнозинството за владините предлог закони. Причината за левичарската партија да гласа против Лофвен се плановите за дерегулацијата на шведскиот пазар на недвижности поради зголемувањето на цените за време на пандемијата.
Шведска има строга регулација за наем на недвижности со што цените и во поголемите градови се достапни за жителите. Тоа пак ги дестимулира градежниците да градат нови згради па луѓето кои сакаат да изнајмат стан чекаат со години во услови во кои купувањето имот од друга страна е речиси невозможно поради високите цени. Левичарската партија стравува дека дерегулацијата на пазарот на недвижности може да донесе нагло зголемување на цените и поголема сегрегација меѓу богатите и сиромашните.
Се уште е нејасно што ќе се случи понатаму на политичката сцена во Шведска. Лофвен минатата недела рече дека ќе го почека гласањето доверба па ќе одлучи што е најдобро за земјата. Тој има една недела да реши дали ќе побара предвремени избори или ќе даде оставка и со тоа ќе му остави на претседателот на парламентот Андреас Норлен да почне преговори со партиите за да се најде решение за нов премиер.