Данскиот фудбалски репрезентативец Кристијан Ериксен кој претрпе срцев удар за време на минатонеделниот фудбалски натпревар на Европското првенство ќе му биде вграден срцев дефибрилатор слично на пејсмејкер, соопштија од Данскиот фудбалски сојуз.
„Откако на Ериксен му беа направени неколку различни прегледи на срцето, одлучено е дека треба да се вгради таканаречен срцев стартер. Овој уред е неопходно да се вгради по срцев удар, поради нарушен ритам на срцето“ се вели во соопштението на Данскиот фудбалски сојуз.
Во продолжение е наведено дека Ериксен го прифатил „решението кое било усогласено со специјалисти на национално и меѓународно ниво“ и сите го препорачуваат истиот третман. Повеќе детали не беа соопштени.
Играчот на италијанскиот клуб Интер Милан, 29 годишниот Ериксен во саботата колабираше на натпреварот меѓу Данска и Финска во 43-тата минута. Откако му се слоши, тим на брза помош неколку минути го реанимираше на теренот додека неговите соиграчи стоеа околу него заштитувајќи го него од јавноста, но и јавноста од таква глетка.
Ериксен останува во болница по колапсот
Ериксен стабилизиран, натпреварот меѓу Данска и Финска продолжи
УЕФА на 17 јуни му оддаде почит на Ериксен пред почетокот на натпреварот на Данска против Белгија на стадионот Паркен во Копенхаген откривајќи огромен дрес со неговото име на теренот.
Слична судбина имаше и Холанѓанецот Дејли Блинд кој по иста таква операција за вградување на уред кој го контролира пулсот, продолжи со својата фудбалска кариера.