Судот во Минск ја одби жалбата на руската државјанка која беше уапсена заедно со нејзиниот партнер, белорускиот блогер Раман Пратасевич. Нивниот меѓународен лет во мај го пренасочи белоруски воен авион на принудно слетување во Минск.
Судот во областа Патризански денеска донесе одлука дека апсењето на Софија Сапега е во согласност со белорускиот закон и дека таа мора да остане во притвор пред судскиот процес, објави англискиот сервис на Радио Слободна Европа.
Адвокатот на Сапега, Александар Филанович вчера изјави дека против неа е поднесена кривична пријава. Но, тој не даде дополнително објаснување, велејќи дека има директива од судот да не ги објавува деталите за случајот во јавноста.
Родителите на Пратасевич барат помош од Меркел
Центарот за човекови права во Минск, Вјасна соопшти дека Сапега е обвинета за организирање и подготвување активности што го нарушуваат граѓанскиот ред и мир, така што предизвикала „голема конфузија“ и поттикнала омраза.
Сапега и Пратасевич беа уапсени на 23 мај, откако белоруските власти изрекоа сомнително тврдење за бомба во авионот поради што било потребно пренасочување на летот на Рајанер меѓу Атина и Вилнус кон Минск.
Овој потег наиде на остра меѓународна осуда, а многу земји го нарекоа „киднапирање на државата“. Наметнати се нови западни санкции кон белоруските власти. Забраните и другите мерки се насочени кон патување со авион од и кон Белорусија или, во некои случаи, дури и само прелетување над оваа земја.